Свет

Авганистан започна воена операција од „големи размери“ против Пакистан

Авганистан започна воена операција од „големи размери“ против Пакистан

Авганистан започна воена операција од „големи размери“ против позиции на пакистанската војска како одговор на неодамнешните воздушни напади, соопштија талибански претставници, пренесува BBC.

Главниот портпарол на талибанците, Забихула Муџахид, изјави дека во офанзивата, започната доцна во четвртокот долж заедничката граница, бил убиен „голем број“ пакистански војници, а дел биле заробени.

Во текот на ноќта се слушнале и експлозии во главниот град Кабул. Според првичните информации, биле гаѓани цели поврзани со талибанските сили, но засега нема официјални податоци за жртви.

Талибанската верзија на настаните

Воениот портпарол на талибанците, Маулави Вахидула Мохамади, изјави дека „одмаздничката операција“ започнала во четврток околу 20 часот по локално време.

Муџахид на социјалната мрежа Х наведе дека „поради повторените прекршувања на границата и провокациите од пакистанските воени кругови“ биле покренати превентивни операции од големи размери против центри и воени објекти на пакистанската војска долж границата. Според него, талибанските сили зазеле 15 воени позиции.

Во меѓувреме, во Кабул биле засилени безбедносните мерки и контролите на улиците.

Одговорот на Пакистан

Од канцеларијата на пакистанскиот премиер ги демантираа тврдењата за загуби и заземање воени позиции. Портпаролот на премиерот Шехбаз Шариф соопшти дека одговорот на Исламабад ѝ нанел „тешки загуби“ на авганистанската страна.

Пакистанската влада објави дека талибанците „погрешно ја процениле ситуацијата и отвориле неиспровоциран оган на повеќе локации“ во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва, по што безбедносните сили одговориле „веднаш и ефикасно“.

Во соопштението на Министерството за информации се наведува дека првичните извештаи потврдуваат „тешки жртви на авганистанската страна“, како и уништување на повеќе позиции и воена опрема. Исламабад порача дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на своите граѓани.

Позадина на судирите

Ескалацијата следува откако талибанските власти соопштија дека во пакистанските напади претходно неделава загинале најмалку 18 лица. Исламабад наведе дека цел на нападите биле седум наводни кампови и засолништа на милитанти во близина на границата, како одговор на неодамнешни самоубиствени напади во Пакистан.

Од друга страна, Кабул тврди дека биле погодени цивилни куќи и верско училиште, при што меѓу жртвите имало жени и деца. По нападите во ноќта кон недела, авганистанските власти предупредија на одмаздничка акција „во соодветно време“.

Двете земји во октомври постигнаа кревко примирје по смртоносни прекугранични судири, но насилствата продолжија. Пакистан и Авганистан делат планинска граница долга околу 2.574 километри, која со години претставува жариште на тензии и безбедносни предизвици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни