Бројот на случаи на насилство и убиства на жени во земјава е загрижувачки висок и покажува сериозни системски проблеми во заштитата на жртвите, предупреди Ана Аврамоска Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk.
Таа посочи на неколку трагични случаи што ја потресоа јавноста во изминатиот период, нагласувајќи дека дел од жените биле убиени во сопствениот дом, што, според неа, покажува колку е сериозен проблемот со семејното насилство.
„Ја имаме Сузана во Кавадарци која беше убиена во сопствениот дом. Ја имаме Рамајана во Шуто Оризари која исто така беше убиена во својот дом. Имаме и други случаи – жена во Штип, како и случај во Гостиварско каде жена беше пронајдена закопана и полуизгорена“, изјави Аврамоска-Нушкова.
Таа го спомена и случајот во Куманово, каде, како што рече, жена била погребана без извршена обдукција, по што по еден месец била направена ексхумација и дополнителна анализа која укажала на насилна смрт.
Аврамоска-Нушкова наведе и други случаи, меѓу кои жени од Кочани и Штип, нагласувајќи дека бројките што ги имаат организациите кои работат со жртви на насилство се алармантни.
„Фрапантна е бројката на податоци што ги имаме. Тие покажуваат дека сме трети во Европа, што е сериозен сигнал дека мора да се размисли и да се преземат конкретни мерки“, истакна таа.
Според неа, потребна е посериозна институционална реакција и подобра заштита на жените кои се жртви на семејно насилство, со цел да се спречат нови трагедии.
