Австралија и Канада официјално ја признаа Државата Палестина

Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска соопшти дека земјата официјално ја признала „независноста и сувереноста на Државата Палестина“.

Во документ објавен на платформата Х, Албанезе нагласува дека Австралија ги признава „легитимните и долгорочни аспирации на палестинскиот народ да има сопствена држава“.

„Признавањето на палестинската државност од страна на Австралија, заедно со Канада и Велика Британија, е дел од координирани меѓународни напори за создавање можности за решение со две држави“, се вели во соопштението.

Истовремено, на официјалната веб-страница на канадскиот премиер Марк Карни беше објавено дека и Канада денеска ја признала Државата Палестина.

„Канада ја признава Државата Палестина и нуди партнерство во изградбата на мирна иднина и за Палестина и за Израел. Ова признание е дел од координирани меѓународни напори за зачувување на можноста за решение засновано на две држави“, се наведува во соопштението, каде се истакнува дека одлуката е усогласена со принципите на самоопределување и основните човекови права, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и канадската надворешна политика.

Во соопштението дополнително се потенцира дека признавањето на Државата Палестина под раководство на Палестинската управа ги зајакнува напорите на оние кои се залагаат за мирен соживот и „крај на Хамас“.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.