Свет

Австрија: Богатата наследничка Марлен Енгелхорн откри план да подари милиони евра

Австрија: Богатата наследничка Марлен Енгелхорн откри план да подари милиони евра

Богата наследничка, со австриско-германско потекло, основала група граѓани со цел да одлучат како да го подарат најголемиот дел од богатството што го наследила од нејзината баба.

Марлен Енгелхорн, која има 31 година и живее во Виена, сака 50 Австријци да одлучат како да се поделат нејзините наследени 25 милиони долари.

„Наследив богатство, а со тоа и моќ и не направив ништо за тоа.

„Државата нема ни да ми ги собира даноците“, рече таа.

Австрија го укина данокот на наследство во 2018 година и е една од ретките европски земји што не наметнува ваков вид на давачки.

Енгелхорн смета дека тоа не е фер.

Таа е потомок на Фридрих Енгелхорн, основачот на германската хемиска и фармацевтска компанија БАСФ.

Таа наследи милиони кога нејзината баба Тродл Енгелхорн-Векијато почина во септември 2022 година.

Форбс го процени нејзиното богатство на 4,2 милијарди долари.

Уште пред смртта на нејзината баба, внуката изјавила дека сака да отстапи околу 90 отсто од своето наследство.

Пред два дена во поштенските сандачиња на Австријци пристигнаа 10.000 по случаен избор испратени покани.

Оние кои сакаат да учествуваат во иницијативата на Марлен Енгелхорн, наречена „Добри совети за дистрибуција“, можат да се пријават телефонски или онлајн.

50 од 10.000 Австријци постари од 16 години ќе бидат избрани за да одлучат како и на кого Марлен ќе го подели најголемиот дел од наследеното богатство.

„Ако политичарите не ја вршат својата работа и не се прераспределуваат, тогаш јас самата морам да го поделам богатството“, рече таа во изјавата.

„Многу луѓе кои работат со полно работно време мака мачат да врзат крај со крај, а притоа плаќаат данок за секое заработено евро.

„Тоа го гледам како пораз на политиката и ако политиката не успее, тогаш граѓаните сами треба да се справат со тоа.

Кристофер Хофингер, директор на Институтот Форсајт, кој ја поддржува иницијативата, рече дека советот, кој треба да го дистрибуира богатството, ќе вклучи 50 луѓе „од сите возрасти, од сите делови на земјата и од сите сфери на животот“.

Од групата ќе биде побарано „да даде идеи за да се дојде до решение кое е во интерес на целото општество“, рече тој.

Тие ќе учествуваат на низа состаноци што ќе се организираат во Салцбург од март до јуни годинава и на кои ќе присуствуваат претставници на граѓанското општество и експерти.

Организаторите наведуваат дека средбите ќе бидат достапни за лицата со попреченост, дека ќе се обезбеди грижа за децата, како и преведувачи доколку има потреба.

Трошоците за патување се покриени, а учесниците ќе добиваат 1200 долари за секоја недела кога присуствуваат на состаноците.

Марлен Енгелхорн смета дека нивните разговори ќе бидат „во служба на демократијата“ и затоа треба да бидат платени.

„Немам право на вето.

„Моето наследство го ставам на располагање на овие луѓе и им ја ставам мојата доверба“, рече таа.

Во случај да не успеат да излезат со предлог кој има „широка поддршка“, парите сепак ќе и бидат на располагање на Марлен Енгелхорн.

Не е сосема јасно колкав дел од нејзиното наследство ќе биде отстапено, иако во 2021 година рече дека ќе даде 90 отсто бидејќи не направила ништо за да го заработи, туку „едноставно добила на лотарија со тоа што се родила.

Нејзиниот тим не кажа колку пари ќе и останат, иако таа рече дека ќе задржи некаков вид финансиска сигурност.

Шеснаесет години откако Австрија го укина данокот на наследство, одлуката сè уште е контроверзна, а најголемата опозициска партија, Социјалдемократите, бара да се врати данокот.

Водачот на социјалдемократите Андреас Баблер изјави за националната телевизија ОРФ дека сака тоа да биде главниот услов во потенцијалните коалициски преговори по изборите што ќе се одржат во Австрија подоцна оваа година.

Конзервативната Народна партија, која во моментов е партнер во коалициската влада со Зелените, го отфрли овој предлог.

Генералниот секретар на Народната партија, Кристијан Штокер, рече дека Баблер со „повикот за воведување данок на наследство и богатство, сака дополнително да го оптоварува народот на нашата земја“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни