Австрискиот канцелар Кристијан Стокер најави можност за одржување референдум на кој би се одлучувало за идниот облик на воената обврска во Австрија.
„Се би одлучувало за воената обврска и секако дека одлуката на референдумот би била правно обврзувачка“, рече австрискиот канцелар Кристијан Стокер (Австриска народна партија ÖVP) на новогодишната средба на неговата партија.
Коалициските партнери на Стокер, Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) и либералната NEOS, изразија изненадување од предлогот на Стокер.
Социјалдемократите посочија на „внатрешни дискусии“ во рамките на владата по ова прашање. „Дали референдум на федерално ниво за ова прашање има смисла, тоа прво мора да го анализираме во кабинетот“, соопштија од SPÖ.
Од NEOS истакнаа дека било планирано резултатите од анализа на експерти да се разгледуваат на парламентарно ниво. Стручната комисија неодамна, по иницијатива на владата, изработи студија која предлага продолжување на воениот рок од сегашните шест на осум месеци, со дополнителни два месеци вежби во резервата.
Во Австрија, која не е членка на НАТО, во последно време се водат дискусии за воената подготвеност на земјата во случај на напад, а јавната дебата најчесто укажува на недостатоци во австриските вооружени сили.
Во Австрија, воената обврска важи за сите мажи, а воениот рок трае шест месеци. Така наречената цивилна служба трае девет месеци.
