Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се чувствува добро и во посилна позиција откако стана јасно дека демократите ја задржале контролата врз Сенатот на Конгресот на САД, пренесоа светските агенции.
Демократската партија ја задржа контролата благодарение на успехот на демократскиот кандидат на Невада, Кетрин Кортез Масто.
„Се чувствувам добро и со нетрпение ги очекувам следните две години“, рече Бајден во Пном Пен, каде што присуствуваше на самитот на АСЕАН.
Зборувајќи за новинарите, тој додаде дека ќе пристигне на Бали на неговата средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, поттикнат од успехот на демократите на среднорочните избори.
Бајден утре ќе има средба со Кси на островот Бали. „Го познавам Кси, и тој ме знае мене“, рече Бајден денеска, додавајќи дека очекува неговите разговори со него да бидат искрени.
Тој додаде дека ќе се обиде да ги воспостави црвените линии во заладените односи меѓу САД и Кина на утрешната средба со Кси, додава Франс прес.
Бајден денеска во Пном Пен ќе има средба и со лидерите на Јапонија и Јужна Кореја за заеднички да го координираат нивниот одговор на дејствијата на Северна Кореја. Но, тие ќе разговараат и за нивната соработка во услови на зголеменото влијание на Кина и агресивното однесување во регионот на Пацификот, забележува Асошиејтед прес.