Кремљ ја осуди употребата на „срамен јазик“ од страна на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој го нарече рускиот претседател Владимир Путин „луд кучкин син“, а поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев возврати нарекувајќи го Бајден „бескорисен старец“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека изјавата на Бајден е „голем срам за САД“, бидејќи „ако претседателот користи таков јазик, тоа е срамно“. Тој рече дека Бајден се обидува да се однесува во стил на „холивудски каубој“, пренесува Би-Би-Си.
„Дали Путин некогаш употребил ниту еден груб збор кога зборувал (за Бајден)? Тоа никогаш не се случило. Затоа, мислам дека таков речник ја понижува самата Америка“, додаде Песков.
Бајден во говорот во Сан Франциско рече дека „имаме луд кучкин син како тој тип Путин и другите, и секогаш мораме да се грижиме за нуклеарниот конфликт“.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, верен сојузник на Путин, рече дека вистинската „егзистенцијална закана“ за светот се „бескорисните старци, како самиот Бајден“.
Ова не е првпат американскиот претседател да користи навредливи термини: тој претходно го нарече Путин „месар“ и „воен злосторник“.