Балканскиот полуостров до крајот на седмицата ќе биде под влијание на две воздушни маси, многу топли од југ и исток и забележително посладни од северозапад.
Синоптичката ситуација ќе биде таква што од северот на Африка и од Сахара преку јужните, централните и источните предели на Балканот ќе струи многу топла воздушна маса.
Таа ќе донесе летни температури до 25 степени во Грција, Србија, Бугарија, Македонија и Романија, а во многу предели температурата ќе надмине летните 25 степени.
На некои локации во Бугарија се очекува и до 30 степени, што би бил првиот тропски ден оваа година.
Да потсетиме, календарски сè уште трае зима. Овие температури се за 15 степени повисоки од просекот за ова време на годината.
Освен многу топлата воздушна маса, во рамките на јужното струење од север на Африка доаѓаат и големи количини песок од Сахара, па атмосферата е заматена, а врнежите се „валкани“ поради пустинските честички. Оваа појава е природна по својот карактер, а најмногу е видлива на возилата и други предмети по прекинот на врнежите.