Осум непроценливи предмети од познатата галерија Аполо во музејот Лувр во Париз се украдени во спектакуларен грабеж од страна на крадци со моторна пила. Истрагата е во тек, а властите се сомневаат дека зад грабежот стои озлогласената меѓународна криминална група „Розов Пантер“ (Pink Panter).
Крадците се преправиле како градежни работници и користеле кран за да пристапат до високо заштитените витрини на музејот. Нападот се случил сред бел ден, во 9:30 часот наутро, што предизвикало дополнителни загрижености за прекршувања на безбедноста. И покрај алармот, полицијата не реагирала навреме, а безбедносните лица не интервенирале.
Украдените предмети вклучуваат тиара од сафир, ѓердан и обетка поврзана со француските кралици Мари-Амели и Хортенза, сет смарагди и обетки што ѝ припаѓале на царицата Мари-Луиз, втората сопруга на Наполеон Бонапарта, брош со реликвија, тиарата на царицата Евгенија и нејзината голема брош со машна.
Експертите предупредуваат дека бидејќи украдените предмети се препознатливи, крадците може да се обидат да ги расклопат или стопат пред да ги продадат, што би ја уништило нивната културна вредност.
Експертот за безбедност Вил Гедес, кој има искуство во истражување на уцени, изнуди и кражби на уметнички дела, рече дека начинот на кој е извршен грабежот „носи потписи на Пинк Пантерите“. Криминалната мрежа, чии членови главно доаѓаат од земјите од поранешна Југославија – вклучувајќи ги Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – е позната по своите прецизно планирани и смели кражби, пишува британскиот „Метро“.
Интерпол проценува дека мрежата има околу 800 клучни членови ширум светот. Пинк Пантерите веќе се поврзани со кражбата на дијаманти во вредност од 23 милиони фунти од лондонскиот јувелир Граф во 2003 година, како и со големи грабежи на музеи, вклучувајќи ја и кражбата на дела од Моне, Ван Гог, Сезан и Дега во вредност од повеќе од 119 милиони фунти од музеј во Швајцарија во 2008 година.
Се верува дека грабежот во Лувр веројатно бил извршен по нарачка.
- Станува збор за професионалци со воена обука, исклучително дисциплинирани, кои таргетираат вредни предмети кои лесно се препродаваат или кои веќе се нарачани однапред – изјави специјалистот за безбедност Вил Жедес.
Францускиот министер за правда, Жералд Дарманин, призна дека безбедносните мерки во музејот не успеале.
- Ова е неуспех и срамна рефлексија за Франција – рече тој по повторното отворање на Лувр. Според извештајот на француската државна ревизорска институција (Cours des Comptes), во делот од музејот каде што е извршена кражбата, една третина од собите немале ниту една безбедносна камера, и покрај годишниот буџет од 280 милиони фунти.
Жедес ја оцени оваа ситуација како сериозен безбедносен пропуст и изјави дека во отсуство на камери, собите би морале да бидат покриени со физичко обезбедување.
Ограбувачите поминале дури седум минути во музејот – што се смета за долг временски период во вакви случаи – што дополнително укажува на високо ниво на планирање и организација.
„Ова не е обична банда. Ова е исклучително добро организирана криминална група“, заклучи Гедес.