Македонската Радио Телевизија (МРТ) го испрати до Собранието предлогот за Годишната програма за работа за 2026 година, но без одлука по нејзиниот финансиски дел – бидејќи институцијата сè уште нема Надзорен одбор, кој е надлежен да даде согласност за буџетот.
На 15-та седница на Програмскиот совет, одржана на 27 октомври, беше донесена одлука да се усвои само програмскиот дел од документот, додека расправата за финансискиот план е одложена за по изборот на Надзорен одбор.
„Со ова постапување се обезбедува континуитет во институционалното работење и непречено функционирање на јавниот радиодифузен сервис, без повреда на законските прописи и без навлегување во надлежностите на други тела“, се наведува во записникот од седницата.
Програмскиот совет во два наврати – на 28 јули и 8 октомври – испратил дописи до Собранието, известувајќи го дека од технички причини не е можно да се добие согласност на Надзорниот одбор, кој не е избран. Собранието возвратило дека нема надлежност да се произнесе во ваков случај, туку материјалот е само проследен до пратениците и матичната комисија.
Во меѓувреме, Програмскиот совет потврди дека изборот на Надзорен одбор е одложен поради изборниот процес, и дека ќе се распише конкурс по завршувањето на изборите и конституирањето на новите совети на општините и Градот Скопје.