„Безбеден град“ регистрираше стотици прекршоци: Над 100 возачи останаа без дозволи

Системот „Безбеден град“ во текот на вчерашниот ден регистрираше голем број сообраќајни прекршоци низ државата, по што се изречени вкупно 101 забрана за управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според официјалните податоци, камерите за снимиле вкупно 64 минувања на црвено светло. Најголем дел од овие прекршоци, вкупно 35, се констатирани на територијата на Скопје, 24 во Куманово и пет во Тетово.

Значително поголем е бројот на прекршоци за возење со брзина поголема од дозволената, каде се регистрирани вкупно 582 случаи. Од нив, дури 445 се во главниот град, 36 во Тетово и 31 во Куманово, додека 70 прекршоци се евидентирани на патните коридори низ земјата.

Од МВР нагласуваат дека врз основа на овие два вида прекршоци, изречени се вкупно 101 забрана за управување на моторно возило, како дел од континуираните активности за поголема безбедност во сообраќајот.