Безбедно засолниште за црни денови: Глобалната побарувачка за злато во 2024 година ги урна сите рекорди

ГЛОБАЛНАТА побарувачка за злато ги урна сите рекорди минатата година, поттикната од големите набавки од централните банки и зголемувањето на инвестициите во овој благороден метал, се вели во извештајот објавен денеска од Светскиот совет за злато.

Минатата година вкупниот обем на трговија со злато изнесуваше 4.974 тони, што претставува зголемување во однос на 4.899 тони во 2023 година.

Во 2024 година, глобалната побарувачка на злато, поттикната од зголемените геополитички и економски несигурности, достигна нови рекордни максимални вредности, коментира Шаокаи Фан, глобален шеф на централните банки во Светскиот совет за злато.

Трета година по ред обемот на светската трговија со злато надминува 1.000 тони, а апетитот на централните банки е „ненаситен“, се наведува во извештајот што го пренесува Си-Ен-Ен.

Народната банка на Полска минатата година беше најголемиот купувач на злато меѓу централните банки, додавајќи 90 тони на своите резерви.

Втор најголем купувач беше Централната банка на Турција, која ги зголеми своите залихи за 75 тони, а трет беше Резервната банка на Индија, институција која минатата година постојано купуваше злато секој месец, освен декември.

Побарувачката за златни прачки и монети остана висока, поттикната од силниот интерес во Кина и Индија, се додава во извештајот.

-Кинеските инвеститори се соочија со недостаток на алтернативни средства за инвестирање, се вели во извештајот и се нагласува дека мешавината на економска несигурност во Кина, континуираната нестабилност на берзата и рекордно ниските приноси на државните обврзници ги поттикнале инвестициите во злато.

Во Индија побарувачката за злато се зголеми откако нејзината влада ги намали увозните давачки за злато од 15 отсто на шест отсто во јули, забележа Светскиот совет за злато.

Единствено разочарување беше побарувачката за златен накит, бидејќи обемот на трговската размена минатата година падна за 11 отсто на 1.877 тони, се заклучува во извештајот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното