Речиси половина од граѓаните сметаат дека постојниот изборен модел треба да се смени. Според последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, 48,4% од анкетираните сметаат дека наместо 6 треба да имаме една изборна единица. 32% од анкетираните велат дека изборниот модел треба да остане онаков каков што е во моментов, односно пропорционален со 6 изборни единици. 19,6% од граѓаните немаат одговор на ова прашање.
Според анкетата, најзаинтересирани за овие промени се граѓаните на возраст меѓу 40 и 49 години. Според анкетата 52,5% од нив мислат дека е потребна промена на изборниот модел. Според образованата структура на анкетираните, најзаинтересирани за промени се оние со високо образование. Дури 56,4% од нив сметаат дека е потреба промена на изборниот модел во една изборна единица.
Анализата на резултатите според етничката припадност на анкетираните покажува дека и Македонците и етничките Албанци сметаат дека е потребна промена. За една изборна единица како подобар изборен модел се определиле 46,7% етнички Македонци и 52% етнички Албанци.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена по нарачка на Детектор во периодот од 4 до 7 октомври врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници.