Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си му се извини на американскиот претседател Доналд Трамп, но рече дека нема правна основа за неговата тужба против нив поради документарец што адвокатите на Трамп го нарекоа „клеветнички“.
Документарецот на Би-Би-Си за Панорама „Трамп: Втора шанса?“, емитуван непосредно пред претседателските избори во САД во 2024 година, спои три дела од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи го нападнаа американскиот Капитол, создавајќи впечаток дека тој повикува на насилство. Адвокатите на американскиот претседател претходно се заканија дека ќе ја тужат Би-Би-Си за до 1 милијарда долари ако емисијата не биде повлечена, барајќи извинување и надомест за „парична штета и штета на угледот“.
Британскиот медиум не се осврна директно на финансиското барање на Трамп, што беше протолкувано како да нема да се согласи со него. Во писмо до правниот тим на Трамп, Би-Би-Си се обиде да презентира пет главни аргументи во своја одбрана. Како што наведоа, тие немаа права да ја дистрибуираат епизодата од серијата „Панорама“ на американските канали, ниту пак го сторија тоа. Кога документарецот беше достапен на платформата „BBC iPLayer“, тој беше географски ограничен на гледачи во Обединетото Кралство. Затоа, според нив, документарецот не му наштетил на Трамп за време на неговиот реизбор за претседател. Како што објаснија, снимката не била наменета да измами, туку само да скрати долг говор, и дека монтажата не била направена со лоша намера. Исто така, како што се додава, видеото никогаш не требало да се гледа изолирано, бидејќи траело 12 секунди во рамките на едночасовната програма, во која учествувале и многу поддржувачи на Трамп. Да потсетиме, во говорот на 6 јануари 2021 година, Трамп рече: „Ќе пешачиме до Капитолот и ќе навиваме за нашите храбри сенатори и конгресмени и конгресменки“. Повеќе од 50 минути по почетокот на говорот, тој рече: „И се бориме. Се бориме како пекол“. Но, во снимката од Панорама, тој беше прикажан како вели: „Ќе пешачиме до Капитолот… и јас ќе бидам таму со вас. И се бориме. Се бориме како пекол“. Во разговор за „Фокс њуз“, Трамп рече дека неговиот говор бил „искасан“ и дека начинот на кој бил претставен ги „заведувал“ гледачите.
И додека дебатата за документарецот продолжува, Би-Би-Си беше обвинета во четврток од страна на британскиот „Телеграф“ за уште едно погрешно уредување на истиот говор на Трамп, две години пред емитувањето на „Панорама“. Уредувањето во „Њузнајт“ од 2022 година е многу слично на она во „Панорама“. Како одговор на статијата на „Телеграф“, портпарол на Би-Би-Си рече дека компанијата се држи до „највисоките уреднички стандарди“ и дека сите обвинувања се истражуваат. Од друга страна, портпарол на правниот тим на Трамп изјави дека „сега е јасно дека Би-Би-Си се вклучила во шема на клевета против претседателот Трамп“.