Биометриските уреди „паднаа“ во Куманово и Штип – гласањето се одвива со УВ спреј

Одѕивот на локалните избори до 09:15 часот изнесува три проценти, односно 41.890 граѓани го оствариле своето право на глас.

Гласањето, според Државната изборна комисија (ДИК), досега се одвива без проблеми, освен на две избирачки места – едното во Куманово, другото во Штип – каде поради технички причини се гласа без биометриска идентификација, со употреба на УВ спреј и УВ ламба.

На избирачкото место 1133 во Куманово, каде што се запишани 12 гласачи, гласањето се одвива без уред за биометриска идентификација поради прекин на електричната енергија. Во Штип, на избирачкото место 2271, каде се запишани 507 гласачи, ИТ службите на ДИК направиле обид со два резервни уреди, но ниту еден не успеал да се стартува.

„Гласањето до овој момент се одвива без потешкотии и без дојави за проблеми од изборните органи. Минатата година, на парламентарните избори, имавме слични ситуации на шест избирачки места и тогаш донесовме одлука гласањето да се одвива без биометриски уреди поради објективни причини,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на првата прес-конференција.

Според обработените податоци на ДИК, најголема излезност досега е забележана во општините Лозово (6,36%), Пробиштип (6,64%) и Зелениково (5,62%), додека најниска излезност има во Врапчиште (0,87%) и Боговиње (1,29%).

Денеска се гласа на вкупно 3.474 избирачки места, а право на глас имаат 1.832.415 граѓани. Според ДИК, заради транспарентност, при броењето на гласовите мора да бидат присутни сите членови на Општинските изборни комисии.