Биткоинот собори нов рекорд

Биткоинот денес достигна рекордно високо ниво, поттикнат од побарувачката од институционалните инвеститори и крипто политиките на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Најголемата криптовалута во светот се искачи на нешто над 118.000 долари, со што растот оваа година достигна над 26%.

„Големите играчи купуваат акции“
„Новиот рекорд на Биткоинот е резултат на неуморно институционално акумулирање – големите играчи купуваат расположива понуда и ја трошат ликвидноста на берзите“, рече Џошуа Чу, копретседател на Хонгконгшката асоцијација Web3.

Во март, Трамп потпиша извршна наредба со која се воспоставува стратешка резерва за криптовалути. Тој, исто така, назначи голем број фигури кои се пријателски настроени кон криптовалутите, вклучувајќи го претседателот на Комисијата за хартии од вредност (SEC), Пол Аткинс, и „царот на вештачката интелигенција“ во Белата куќа, Дејвид Сакс.

Компаниите на семејството Трамп, исто така, влегоа во светот на криптовалутите. „Трамп Медиа енд Технолоџи Груп“ (DJT.O) планира да лансира фонд кој би инвестирал во повеќе криптовалути, вклучувајќи го и биткоинот, според поднесеното барање до Комисијата за хартии од вредност во вторникот.

Етереум (Етер), втората најголема криптовалута во светот, скокна за речиси 5% на 2.956,82 долари, откако претходно достигна петмесечен максимум од 2.998,41 долари.

Трамп објави дека САД ќе воспостават резерви на дигитални средства

Биткоинот се тргуваше над 100.000 долари во последните месеци, бидејќи инвеститорите продолжуваат да покажуваат оптимизам во врска со крипто политиките на Трамп. Најновиот пораст на биткоинот доаѓа откако и Nasdaq и S&P 500 поставија нови рекорди, а Nvidia стана првата компанија со пазарна вредност од 4 трилиони долари.

Републиканците во Претставничкиот дом го повторија повикот на Трамп од кампањата САД да станат „крипто престолнина на светот“, а неговата изборна победа го крена биткоинот над 100.000 долари за прв пат по еден месец од Денот на изборите. Растот се забави во месеците по неговата инаугурација, сè додека Трамп не објави дека САД ќе воспостават резерва на дигиталната актива.