Битолчани заминаа на панаѓурот во Аминдео, Грција

Големиот и надалеку познат традиционален панаѓур што се одржува во грчкиот град Аминдео (Сорович), и оваа година привлече огромен број посетители од Македонија, што предизвика создавање на долги колони возила и повеќечасовни задржувања на граничниот премин Меџитлија – Ники.

Според сведоштвата на патниците, и покрај долгото чекање за влез во Грција, атмосферата меѓу граѓаните е позитивна, бидејќи, како што се наведува, „секој што чека знае дека вреди, бидејќи возбудата за шопингот што следи е неизбежна!!“.

Панаѓурот во Аминдео, познат на грчки како „панаѓири“, е еден од најголемите и најпосетените есенски саеми во северна Грција. Овие настани, кои често се поврзани со прослава на локален светец-заштитник, претставуваат комбинација од народни фестивали, забавни паркови и огромни отворени пазари каде може да се најде широка палета на производи – од облека и покуќнина, до алати, локални прехранбени производи и сувенири, често по многу поволни цени.

Токму поради ова, панаѓурите во пограничните грчки градови како Аминдео, претставуваат вистинска атракција за граѓаните од јужниот дел на Македонија, особено од Битола, Прилеп и околината, кои традиционално во голем број го посетуваат настанот. Како резултат на тоа, зголемената фреквенција на возила на граничниот премин Меџитлија е вообичаена слика за време на одржувањето на овој панаѓур.

Фото: С. Алимовска

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.