По успешниот бојкот на маркетите во Хрватска пред една недела, слична акција денеска се организира и во Македонија. Незадоволни од високите цени, македонските граѓани преку социјалните мрежи се мобилизираа за целодневен бојкот на продавниците.
„За да се соочиме со тие ланци на храна, што продаваат во државава и што се богатат врз нашиот грб. Ќе пробаме на 31 јануари, ако нема доволен одзив ќе научат луѓето ќе одредиме и друг датум. Целта е да се почне нешто, да се тргне од нулта точка, да се реагира за да сфатат луѓето дека има начин како да реагираме, пошто никој нема да реагира за нас, освен ние самите. Целта моја е да дојдеме до ден кога никој во државава нема ништо да купува. Продавниците да стојат празни, за да тие газди се сетат дека има некој и од другава страна“, вели Михајло Ќурчиески.
Граѓаните масовно најавија поддршка за оваа акција, а меѓу поддржувачите се и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и Организацијата за заштита на потрошувачите.
Во регионот темата останува актуелна. Во Хрватска, на 24 јануари се одржа масовен бојкот на продавниците, а платформата за заштита на потрошувачите „Ало, инспекторе“ денеска повторно повика на слична акција.