Македонија

Боледувањето нема да се скратува на пет дена: Фондот појасни што носат новите правила

Боледувањето нема да се скратува на пет дена: Фондот појасни што носат новите правила

Помалку административни постапки и поголеми олеснувања за пациентите и матичните лекари предвидуваат измените на правилата за утврдување на боледување. Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа.

Од Фондот појаснуваат дека со новите правила не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицинска потреба. Матичниот лекар и понатаму ќе може да утврдува привремена спреченост за работа до 15 дена, додека за боледување подолго од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.

Промената на периодот од седум на пет дена, како што објаснуваат од Фондот, не значи дека боледувањето автоматски завршува по петтиот ден. По истекот на овој период, доколку здравствената состојба бара продолжување, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Границата од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета.

Со измените се предвидуваат и повеќе конкретни олеснувања за осигурениците. За дел од дијагнозите нема да биде потребно пациентите да се упатуваат на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. За одредени дијагнози се проширува и временската рамка предвидена со критериумите.

Дополнително, по 15-тиот ден матичниот лекар предлогот за привремена спреченост за работа ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.

Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Ова особено се однесува на тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица кои се на болничко лекување, како и на други оправдани случаи.

Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања. Се прецизираат и условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои и по завршено болничко лекување.

Посебни олеснувања се предвидени и за бремени жени и доилки во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај. Кај определени тешки заболувања, пак, се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење при боледувања подолги од 60 дена.

Од Фондот информираат дека новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел датираат од 2012 година. Целта е правилата да се усогласат со современите можности на медицината и дијагностиката, но и да се намалат административните обврски за пациентите и лекарите.

Во периодот меѓу прекинот и продолжението на седницата биле дополнително разгледани и разјаснети прашањата отворени од членовите на Управниот одбор, по што измените биле едногласно усвоени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни