Македонија

Божиновска најави инспекција за концесијата за варовник во Студеничани

Божиновска најави инспекција за концесијата за варовник во Студеничани

Поради утврдени нерегуларности, досега се одземени над 40 концесии за експлоатација на минерални суровини, а концесиските надоместоци се зголемени за 100 проценти, информираше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Реџеп Исмаил (Левица) во врска со преносот на концесијата за ископ на варовник на локалитетот „Вртекица“ во општина Студеничани, таа најави соодветни проверки на терен.

Исмаил упати прашања до министерствата за внатрешни работи, за енергетика и за локална самоуправа, укажувајќи на сериозни сообраќајни и безбедносни ризици. Тој нагласи дека транспортот на тешката руда се одвива преку несоодветен локален пат од Југословенско време (од Драчево кон Долно Количани, Пагаруша и Вртекица), кој жителите сами го одржуваат. Според него, тешките товарни возила минуваат низ центарот на селото и непосредно до детските игралишта, со што се загрозува безбедноста на локалното население.

Министерката Божиновска појасни дека не може да ги знае деталите за сите околу 400 концесии во земјава, но истакна дека при секој пренос на концесија е потребна сообраќајна согласност од самата општина.

Таа најави дека веднаш по седницата ќе го контактира Државниот инспекторат за да се истражи состојбата на теренот. Божиновска додаде дека патиштата не се во директна надлежност на нејзиното министерство, но при процедурите редовно се бараат мислења од сите надлежни институции, вклучително и министерствата за транспорт и за животна средина. Доколку инспекцијата утврди неправилности од надлежност на други органи, тие ќе бидат соодветно известени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни