Властите во американската сојузна држава Флорида покренаа кривична истрага против британско-американските инфлуенсери Ендрју и Тристан Тејт, кои пристигнаа во САД од Романија минатата недела, каде што се соочуваат со обвиненија за силување и трговија со луѓе.
Јавниот обвинител на Флорида Џејмс Утмајер потврди дека истражителите издале налози за претрес и покани како дел од „активна“ истрага.
Браќата Тејт, исто така, се соочуваат со приватна тужба во САД од жена која ги обвинува дека ја принудиле на проституција, а потоа ја клеветеле откако таа сведочела пред романските власти.
Браќата Тејт ги негираат сите обвинувања против нив.
Ендрју Тејт (38), поранешен кик-боксер и самопрогласен мизогинист, кој се прослави со гостувањето во британското шоу „Големиот брат“, заедно со неговиот брат Тристан (36), и во Велика Британија е обвинет за силување и трговија со луѓе.
Браќата Тејт првпат беа уапсени во Романија во декември 2022 година, кога Ендру беше обвинет за силување и трговија со луѓе, додека Тристан беше осомничен за трговија со луѓе. Тие се преселиле во Романија од Велика Британија неколку години претходно.
Откако поминаа неколку месеци во домашен притвор, тие се соочија со нови обвиненија во август 2024 година, вклучително и секс со малолетник и трговија со деца. И тие ги отфрлаат тие обвинувања.
Полицијата во англискиот Бедфордшир сè уште бара екстрадиција на Ендрју Тејт под одделни обвиненија за силување, трговија со луѓе и затајување данок.
Во Обединетото Кралство, четири жени поднеле граѓанска тужба против Ендрју Тејт, тврдејќи дека тој ги силувал и принудувал. И тој ги отфрла тие обвинувања.
Обвинителите од Велика Британија изјавија дека е јасно дека нема да се соочат со кривично гонење во Романија и ги повикаа британските власти да реагираат.