Македонија

Браковите сè поретки, разводите сè почести: Во 2025 година склучени 10.507 бракови

Браковите сè поретки, разводите сè почести: Во 2025 година склучени 10.507 бракови

Трендот на намалување на бројот на бракови продолжува, додека разводите бележат нов раст. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година во земјава биле склучени 10.507 бракови, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со 2024 година. Во истиот период бројот на разводи се зголемил за 8 отсто.

Во 2024 година биле склучени 11.066 бракови, додека бројот на разведени бракови изнесувал 2.024. Во 2025 година, пак, бројот на склучени бракови паднал на 10.507, што значи дека за две години бројот на нови брачни заедници е значително намален.

Најмногу бракови во 2025 година биле склучени во август – 1.362, односно 13 отсто од вкупниот број. Најмалку бракови имало во март, кога биле склучени 473, односно 4,5 отсто.

И во 2025 година најчесто се стапувало во прв брак. Тоа се однесува на 92,8 отсто од жените и 92,1 отсто од мажите. Во втор брак стапиле 7,1 отсто од жените и мажите, додека во трет брак учествувале 0,8 отсто.

Просечната возраст при склучување на првиот брак кај жените во 2025 година изнесувала 27,5 години, а кај мажите 30,2 години. Во споредба со 2024 година, невестите во просек стапувале во брак нешто порано, додека просечната возраст кај младоженците била нешто повисока.

Најголем број бракови и натаму се склучуваат во старосната група од 25 до 29 години. Во 2025 година, во оваа група биле 3.448 невести, односно 32,8 отсто, и 3.750 младоженци, односно 35,7 отсто.

Од друга страна, разводите бележат пораст. Во 2025 година бројот на разведени бракови бил за 8 отсто поголем отколку во 2024 година. Најголем број разводи кај жените имало во старосната група од 35 до 39 години – 400 случаи, односно 18,3 отсто. Кај мажите, исто така најзастапена била групата од 35 до 39 години, со 381 развод, односно 17,4 отсто.

Најголем дел од разводите во 2025 година се случиле по 5 до 9 години брак. Во оваа категорија биле регистрирани 478 разводи, што претставува 21,9 отсто од вкупниот број.

Споредбата со 2024 година покажува дека бројот на бракови се намалува, додека разводите растат. Во 2024 година на секои 1.000 склучени бракови имало 182,9 разведени, а податоците за 2025 година дополнително го потврдуваат трендот на зголемување на разводите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни