На денешното рочиште за случајот со пожарот во Кочани, адвокатот Зоран Волчанов, бранител на Блашка Евтимова, пензиониран пазарен инспектор во Виница од 2004 до 2024 година, изјави дека останува нејасно зошто неговата клиентка е обвинета, посочувајќи на апсолутна застареност на настанот, бидејќи се гони за дејствие преземено во 2012 година.
- „По тој датум таа ниту презела друго дејствие, ниту можела, ниту имала обврска и надлежност кон фирмата и објектот каде се случила трагедијата, бидејќи живее и работи во Виница и не постапува во Кочани, каде била само еднаш во 2012 година и тоа по налог на регионален раководител. Затоа не разбираме зошто Обвинителството се обидува да ја вклучи во овој обвинителен акт со последици во 2025 година,“ изјави Волчанов.
Обвинетата Евтимова истакна дека кога била на контрола во 2012 година, објектот целосно ги исполнувал законските услови.
- „Сум утврдила дека капацитетот на кабарето тогаш бил 170 посетители и објектот ги исполнувал сите законски стандарди. Што се случувало во 2025 година, не можам да кажам, бидејќи повеќе не сум добила налог за контрола на кабаре ‘Пулс’, кое веќе не постоело и било под друг управител,“ рече Евтимова.
Одбраната укажа дека обвинението ја опфаќа клиентката за дејства за кои таа нема имала надлежност и не можела да влијае, што според нив, го прави актот неприкладен и застарен.