Европската комисија одобри 65,7 милиони евра за Северна Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст. Оваа одлука доаѓа по позитивната оцена од Брисел за успешно спроведените реформи во образованието и дигитализацијата заклучно со декември 2025 година.
Каде ќе завршат парите?
- 30,6 милиони евра одат директно во државниот буџет како поддршка за реформите во основното и средното образование, како и за дигитална инфраструктура во училиштата.
- Останатите средства ќе бидат инвестирани преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во чиста енергија, одржлив транспорт и развој на човечки капитал.
„Ова претставува важен сигнал на доверба и признание за реформската агенда на државата“, истакна првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.
Со оваа трета исплата, вкупната досегашна поддршка за земјава преку овој инструмент достигна 142,1 милион евра. Инструментот е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан (вреден 6 милијарди евра), чија крајна цел е постепено интегрирање на регионот во Единствениот пазар на ЕУ уште пред официјалното членство.