Британскиот пазарен регулатор CMA денеска објави дека нема да започне антимонополска истрага за партнерството меѓу американските технолошки компании Мајкрософт и OpenAI.
Регулаторот заклучил дека ова партнерство не потпаѓа под одредбите за спојување утврдени во британскиот закон од 2002 година, пренесува „Гардијан“.
Портпаролот на Microsoft ја поздрави одлуката на CMA, велејќи дека партнерството со OpenAI „ќе промовира конкуренција, иновации и одговорен развој на вештачката интелигенција“.
Мајкрософт инвестираше 1 милијарда долари во OpenAI во 2019 година, давајќи му „материјално влијание“, но не и суштинска контрола врз фирмата за развој на вештачка интелигенција, според регулаторите.
Британското регулаторно тело одлучи да ги разгледа односите меѓу американските компании по превирањата во калифорниската фирма OpenAI во ноември 2023 година, кога нејзиниот извршен директор Сем Алтман најпрво беше отпуштен, а потоа, по неколку дена, вратен на функцијата.
Мајкрософт потоа доби набљудувачко место без право на глас во одборот на директори на OpenAI, што предизвика сомневања кај регулаторите.
Според извештајот од октомври, Мајкрософт досега инвестирал 14 милијарди долари во OpenAI, објави порталот Verge.