Јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје денеска во целост ги демантираше информациите објавени во дел од медиумите дека семафор паднал во населбата Ново Лисиче и повредил жена. Од претпријатието тврдат дека семафорот бил оштетен како последица на сообраќајна несреќа што се случила утрово.
Според нивното соопштение, Центарот за контрола и управување на сообраќајот, заедно со дежурните екипи на ЈП „Улици и патишта“, регистрирале сообраќајна несреќа на крстосницата на булеварот „Видое Смилески-Бато“, спроти трговскиот центар „Лиса“. Токму поради таа несреќа, како што наведуваат, настаналo оштетување на семафорот, по што екипите биле упатени на терен за санација на опремата.
Од претпријатието додаваат дека за случајот е направен и полициски записник и дека истрагата е во тек.
Поради ова, ЈП „Улици и патишта“ упати апел до медиумите во иднина да ги проверуваат информациите пред објавување и да не пласираат невистини со кои може да се наштети на угледот на претпријатието. Тие, исто така, бараат извинување за погрешно пренесените информации.