Пратка од речиси 9,5 тони пиперки од Македонија е запрена на бугарскиот пазар поради утврдени зголемени остатоци од пестициди. Бугарската агенција за безбедност на храната не дозволила производите да продолжат кон пазарот на Европската Унија, а пратката ќе биде уништена.
Контролата е извршена во рамки на засилениот надзор на свежото овошје и зеленчук што се увезуваат во Бугарија.
Според бугарските власти, ова е втора пратка пиперки од Македонија која е запрена поради непочитување на барањата за безбедност на храната. Вкупната количина на двете запрени пратки надминува 21 тон.
Во истиот период, бугарските инспектори запреле и пратка од 19,2 тони грозје од Турција. Таа пратка, наместо да биде уништена, ќе биде вратена во земјата на потекло.
Од бугарската Агенција најавуваат дека засилените контроли на свежото овошје и зеленчук ќе продолжат.