БУНФОРТ: „Пародија“ е што Македонија чека 20 години пред вратите на ЕУ

Специјалниот претставник за Западен Балкан на унгарскиот премиер, Жолт Бунфорт, по денешната средба со потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, порача дека Северна Македонија неправедно веќе две децении „седи на оградата“ и заслужува полноправно членство во ЕУ доколку процесот се заснова на заслуги.

Бунфорт ја оцени досегашната одолговлекување како „пародија“ и истакна дека Унгарија се залага за забрзана интеграција, отфрлајќи ги идеите за полустатус или замена за полноправното членство.

На средбата беше потврдено дека билатералните односи се на ниво на силно партнерство, со посебен фокус на зголемување на унгарското економско присуство во земјава. Бунфорт најави интерес за конкретни проекти во енергетиката, додека потпретседателот Милошоски откри дека Унгарија е заинтересирана и за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

Според Милошоски, веќе се реализираат проекти кои ќе ја засилат трговската размена, а безрезервната поддршка од Будимпешта е клучна во период кога ветувањата дадени кон регионот уште во 2003 година остануваат неисполнети. Двајцата соговорници заклучија дека стабилноста на регионот и заемната доверба остануваат приоритет за двете држави.