Бурата Бајрон, која ја погоди Грција, предизвика затворање на голем број училишта, поплавување на патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.
Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави „Катимерини“.
Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвјата паднаа во неколку области.
Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумите и приземјето на зградите на повисоките катови поради развојот на поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност.
Надлежните оддели на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во состојба на висока готовност.
Поради бурата Бајрон, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, ќе бидат затворени денес, соопштија грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави гувернерот на регионот Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со Цивилната заштита и Министерството за образование.
Со одлука на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата исто така ќе бидат затворени на островот утре.