Без разлика дали останувате будни цела ноќ или се борите со попладневен замор, енергетските пијалоци честопати изгледаат како брзо решение. Но, зад тој краткорочен наплив на енергија лежи моќна комбинација од кофеин, шеќер и други стимуланси кои можат сериозно да влијаат на вашиот крвен притисок и здравјето на срцето.
Енергетските пијалоци го зголемуваат крвниот притисок
„Кофеинот може привремено да го зголеми крвниот притисок со блокирање на аденозинот, супстанца што ги опушта крвните садови“, објаснува Мишел Рутенштајн, регистриран диететичар специјализиран за кардиологија.
Кога се случува ова, крвните садови се стеснуваат, а нервниот систем реагира со ослободување на стресни хормони како адреналин. Ова предизвикува срцето да чука побрзо и крвниот притисок да се зголемува.
Кај здрави возрасни, овој ефект е обично краткотраен. Сепак, според кардиологот Арон Фајнголд, доктор по медицина, енергетските пијалоци можат да го зголемат систолниот крвен притисок за 5 до 15 mmHg и дијастолниот крвен притисок за 5 до 10 mmHg – и тоа во рок од еден час од консумирањето.
За луѓето кои веќе имаат висок крвен притисок или проблеми со срцето, ефектите можат да бидат многу потешки, особено ако пијат енергетски пијалоци секојдневно.
– Редовните корисници можат да развијат толеранција на некои од ефектите, но хронично покачениот основен крвен притисок често останува – предупредува Фајнголд. – Високата содржина на шеќер дополнително го зголемува ризикот бидејќи промовира инсулинска резистенција и дебелина, кои се познати фактори на ризик за хипертензија.
Кофеин во големи дози
Количината на кофеин во енергетските пијалоци може значително да варира – од 80 до дури 350 милиграми по порција, во зависност од брендот и големината.
За споредба, шолја кафе од 2,4 dl содржи околу 100 mg кофеин. Ова значи дека еден енергетски пијалок може да содржи кофеин колку три шолји кафе – или повеќе.
– Многу луѓе не ја знаат точната количина на кофеин што ја консумираат, а лименките често содржат повеќе од стандардот во научните истражувања – вели Фајнголд. Покрај тоа, кофеинот во овие пијалоци е често синтетички, што значи дека се апсорбира побрзо и има посилен ефект.
Дополнителни стимуланси го зголемуваат ризикот
Енергетските пијалоци ретко содржат само кофеин. Тие често вклучуваат други стимуланси како гуарана, таурин и гинсенг, кои вршат дополнителен товар на срцето.
„Комбинацијата од кофеин, шеќер и други стимуланси може дополнително да го зголеми крвниот притисок“, вели Рутенштајн. „Гуараната и тауринот го зголемуваат срцевиот ритам, ги засилуваат ефектите на кофеинот и можат да го преоптоварат нервниот систем.“
Колку е премногу?
Не постои универзална препорака за безбедна дневна количина, бидејќи составот на пијалоците варира во голема мера.
Според FDA (Американска администрација за храна и лекови), максималниот дневен внес на кофеин за здрави возрасни е 400 мг, што е околу четири мали кафиња. Еден до два енергетски пијалоци лесно можат да го надминат ова ограничување, особено ако консумирате и други извори на кофеин во текот на денот.
„Од перспектива на здравјето на срцето, препорачувам не повеќе од еден енергетски пијалок дневно – и идеално ниту еден“, вели Фајнголд. – Повремената консумација (до два или три пати неделно) може да биде прифатлива за здрави возрасни без фактори на ризик.
Ризици за срцето и срцевиот ритам
Прекумерната консумација може да доведе до палпитации, аритмии и забрзано чукање на срцето, особено кога пијалоците се комбинираат со алкохол или други стимуланси.
– Овие аритмии можат да предизвикаат сериозни компликации како што е мозочен удар, дури и кај помладите луѓе – вели Рутенштајн.
Случаи на срцев застој се регистрирани и по консумирање големи количини енергетски пијалоци, особено кога се комбинираат со алкохол или напорна физичка активност.
Кој треба целосно да ги избегнува?
Луѓето со висок крвен притисок, срцеви заболувања или оние кои користат кардио терапии треба целосно да ги избегнуваат енергетските пијалоци, предупредуваат лекарите.