Жителите на Општина Брвеница на 18 октомври повторно ќе излезат на гласање за да изберат градоначалник. По ненадејната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, во трката влегуваат четворица кандидати поддржани од најголемите политички партии.
За градоначалничката функција ќе се натпреваруваат Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радевски од СДСМ, Јакуп Хусеин од Вреди и Аркин Јахији од ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ кандидатурата на Радичевски ја поднесе Драги Ковачки во ДИК. Тој го опиша како „одличен кандидат“ кој, како што наведе, ќе претставува континуитет на работата на прерано починатиот градоначалник Јовица Илиевски.
СДСМ за свој кандидат го избра Јовица Радевски, кој доаѓа од приватниот сектор и има работно искуство како ветеринар и советник. Од партијата посочуваат дека како актуелен советник и носител на советничката листа на СДСМ ги познава проблемите и потребите на жителите на општината.
„Како актуелен советник и носител на советничката листа на СДСМ, одблиску ги познава проблемите и потребите на граѓаните. Подготвен е со конкретни решенија, за промени на подобро, за сите граѓани на општина Брвеница“, соопштија од СДСМ.
Кандидат на ДУИ и Алијанса за Албанците е Аркин Јахији, кој е државен советник за бесплатна правна помош во Министерството за правда.
Од коалицијата Вреди, пак, за кандидат за градоначалник го предложија Јакуп Хусеин. Тој е магистер по правни науки и моментално е државен службеник во Општина Брвеница.
„Нашата предност е јасна: не губиме време со приспособување. Јакуп Хусеини ја познава Општината, администрацијата, процедурите и потребите на жителите. Затоа, уште од првиот ден може да биде во нивна служба и да започне со работа и конкретни одговорности“, велат од Вреди.
Изборите се распишани по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, а новиот градоначалник ќе го добие мандатот за раководење со Општина Брвеница по изборното соочување на 18 октомври.