Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку објава на „Фејсбук“, соопшти дека денеска во земјата се вратија пет пациенти кои беа лекувани во странство по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Еден од нив се лекувал во Грција, додека четворица други биле третирани во Шпанија. Тие беа пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје.
„Еден од пациентите пристигна од Атина, а четворицата беа транспортирани од Мадрид. Сите се во добра здравствена состојба по одличната медицинска грижа што ја добија во Шпанија и Грција, за што им изразуваме искрена благодарност. Кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија продолжува со координацијата на процесот на репатријација на повредените, како и со поддршката за нивните семејства“, се наведува во објавата.
Според најавите од надлежните, утре се очекува да пристигнат и други пациенти кои беа испратени на лекување во странство по пожарот во Кочани, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.