79-годишната Борјанка од Штип е четвртиот регистриран случај на фемицид во земјава во 2025 година. Како што пренесува Сител ТВ, истрагата утврдува дека жената подолго време била изложена на контрола, малтретирање и психичко насилство, што уште еднаш ја отвора дилемата за тенката линија меѓу семејното насилство и најтешката форма на родово-базирано насилство – фемицидот.
Од Националната мрежа против насилство врз жените предупредуваат дека ваквите случаи речиси никогаш не се случуваат ненадејно, туку претходно постојат јасни предупредувања.
„Овие обиди за убиство ретко се појавуваат без најави — има бројни сигнали, пријави и ризици кои може да се препознаат. Често трагедиите се резултат на институционални пропусти што му претходат на фемицидот“, изјави за Сител ТВ Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Фемицидот е дефиниран како посебно кривично дело од февруари 2023 година, со построги казни и посебна правна рамка. Но експертите велат дека законската промена е само прв чекор.
„Законот е поставен добро, но примената, координацијата и усогласеноста меѓу институциите мора да бидат далеку поефикасни“, додава Аврамоска Нушкова за Сител ТВ.
И покрај сериозноста на проблемот, само околу два проценти од жртвите на семејно насилство решаваат да пријават. Жените најчесто молчат поради страв, срам или недоверба во институциите. Податоците покажуваат дека во последните три години се регистрирани 12 фемициди, со најголем број случаи во 2023 година.
Граѓанските организации апелираат за посилна институционална координација, побрзи реакции на пријави и системска поддршка за жените кои се обидуваат да излезат од насилството.