Член на Хамас уапсен на аеродромот во Берлин

Германската полиција уапси член на терористичката организација Хамас на аеродромот во Берлин под сомнение за подготовка на напади врз еврејски места во Германија, објави во саботата канцеларијата на државниот обвинител во Карлсруе.

„Канцеларијата на државниот обвинител го уапси 36-годишниот Мухамед С. во петокот вечерта по неговото враќање од Бејрут. Тој е обвинет дека е член на терористичката организација Хамас и дека подготвувал терористички напади врз еврејски места во Германија“, се вели во соопштението на канцеларијата на државниот обвинител во Карлсруе.

Понатаму се тврди дека Мухамед С., во август, во договор со друг член на Хамас кој веќе е уапсен, планирал напади врз еврејски места и за таа цел набавил 300 куршуми боева муниција.

Минатата година, полицијата уапси неколку членови на истата група, вклучително и во Лондон, под обвинение за планирање напади врз еврејски места во Германија и Европа.

Од нападот на Хамас врз Израел во 2023 година и последователната војна во Газа, има пораст на нападите врз членови на еврејската заедница во Германија.

Ситуацијата е особено напната во Берлин, каде што живеат голем број арапски Палестинци. Според Организацијата за борба против антисемитизмот (RIAS), во Берлин секојдневно се евидентираат седум напади со антисемитска позадина.