Професорот и токсиколог д-р Нико Беќаровски реагираше на ширењето на, како што вели, неосновани совети за детоксикација од јаглероден моноксид, кои последните денови се појавија на социјалните мрежи.
„На социјалните мрежи секој може да си напише што сака“, вели Беќаровски, реагирајќи на зголемениот број објави од самопрогласени „експерти“ и фејсбук коментатори кои предлагаат алтернативни методи за детоксикација по изложеност на јаглероден моноксид.
Тој појаснува дека единствениот ефикасен начин за брза детоксикација е третманот во хипербарна комора (барокомора) и додава дека е најделотворен во првите шест часа по труењето, со повеќекратни третмани во текот на првите 24 часа.
„Тоа е комора во која се внесува затруениот, кој одреден временски период дише чист кислород под зголемен притисок. Друг начин не постои“, предупредува тој.
Беќаровски потенцира дека сите други „совети“ кои кружат по социјалните мрежи не се базирани на наука и се чиста манипулација со јавноста.
Во однос на долготрајните третмани, тие се спроведуваат само во специјализирани центри, под строго контролиран режим кој вклучува комбинација од аеробни вежби, когнитивна, вестибуларна и сензомоторна терапија.
„Сè друго е тешка манипулација“, заклучува д-р Беќаровски, упатувајќи апел граѓаните да не се потпираат на непроверени совети, туку да се консултираат со стручен медицински кадар.