Македонија

„Да не се чува застоена вода околу домовите, тоа е рај за размножување на комарците“

„Да не се чува застоена вода околу домовите, тоа е рај за размножување на комарците“

Со правилна примена на методите за превенција и заштита, ризиците од заразните болести што ги пренесуваат комарците – вклучително и Западнонилската треска – можат значително да се минимизираат, порача епидемиологот д-р Драган Даниловски во интервју за ТВ Телма.

Според д-р Даниловски, тигрестиот комарец е значително подоминантен, повитален и посупериорен од поранешниот „домашен“ комарец и, за разлика од него, тој е активен и напаѓа во текот на целите 24 часа.

Превенција: Отстранете ја секоја застоена вода околу домот!

Поради тоа што тигрестиот комарец е способен да се размножува дури и во исклучително мали количини вода, д-р Даниловски упатува апел за редовно чистење на дворовите и балконите:

  • Мали тацни под саксии и вазни: Дури и најмала количина вода во нив е доволна за размножување.
  • Стари автомобилски гуми: Претставуваат идеални „резервоари“ за застоена вода и вистински рај за комарците.
  • Садови и порции за миленици: Водата во нив треба редовно да се менува.
  • Олуци и пластични буриња: Олуците мора редовно да се чистат за да не се задржува вода во нив.

Покрај отстранувањето на застоената вода, како основни мерки за лична заштита се препорачуваат носење соодветна облека (со долги ракави и ногавици) и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите.

Ризни групи и алармантни симптоми

Најголем ризик од развивање тешка форма на болеста имаат постарите лица, хронично болните и лицата со ослабен имунитет.

Д-р Даниловски предупредува дека доколку се забележат следниве симптоми, граѓаните мора веднаш да побараат лекарска помош:

  • Висока телесна температура;
  • Силна главоболка;
  • Кочење на вратот;
  • Нарушена свест;
  • Појава на парализа.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни