Дали ова е иднината? – Откриени 33 досега непознати вируси

Списанието „Микробиом“ пишува дека научниците откриле дури 33 вируси замрзнати во парчиња мраз.

Повеќето од нив досега не биле забележани и се непознати за науката.

Групата научници откриле престари вируси замрзнати во два примерока мраз земен од Тибетската висорамнина. Овие проби биле земени во 2015 година, а научниците сметаат дека вирусите биле замрзнати најмалку 14.400 години.

„Овие глечери настанале постепено, и заедно со правот и гасовите, многубројни вируси, исто така, останале во тој мраз“, објаснил Жи-Пинг Жонг, главен раководител и истражувач при Државниот универзитет во Охајо, односно „Бирд Полар“ Центарот за климатски истражувања

Кога истражувачите го анализирале мразот, откриле генетски кодови на 33 вируси. Од нив, генетскиот код за четири вируси покажал дека тие се од семејство вируси кои обично инфицираат бактерии. Останатите вируси биле нови, што значи дека никогаш порано не се идентификувани.

Научниците истакнуваат дека, најверојатно, вирусите не потекнуваат од животни или луѓе, туку од почвата или растенија. Според научните сознанија, околу половина од вирусите го преживеале мразот.

„Ова се вируси кои може да преживеат во екстремни средини. Овие вируси имаат генски белези што им помагаат да заразат клетки во студена средина“, нагласува Метју Саливан.

Саливан смета дека технологијата што сега се користи за проучување на микробите и вирусите во мразот ќе овозможи потрага по слични генетски низи во други екстремно ледени средини, како што е Марс.