Нападите врз полициски службеници во републикава одамна не се изолиран инцидент, напртотив секоја година гледаме раст наместо пад. Тие се повторуваат, се нормализираат и што е најопасно сè почесто се релативизираат. Удари, плукање, навреди, закани, туркања па и сериозни физички напади врз полицајци сè почесто се третираат како „инцидент“, „реакција во афект“ или „резултат на провокација“. Како да е прифатливо полицијата да биде мета…
А полицијата не е симбол на моќ, таа е симбол на обврска. Полицаецот не е таму каде што треба да биде по сопствена желба туку по закон, тој не избира дали ќе интервенира, туку мора. И токму затоа нападот врз полицаец не е личен конфликт тоа е директен конфликт и удар врз државата.
Парадоксот е очигледен… од една страна општеството очекува ред, безбедност и брза реакција, а од друга страна, кога полицијата се соочува со агресија, реакцијата е бавна и блага или речиси непостоечка.
Постапките се одолговлекуваат и санкциите се благи, а пораката што се испраќа е крајно опасна: НАПАДОТ ВРЗ ПОЛИЦАЕЦ СЀ УШТЕ НЕ СЕ ТРЕТИРА КАКО СЕРИОЗНА ПОСЛЕДИЦА!
Во такви околности насилството станува храбро, напаѓачите се чувствуваат охрабрени, а полицајците оставени сами на милост или па немилост.…Законите постојат, напад врз службено лице при вршење службена должност е кривично дело но казните се преблаги… репресивноста треба да биде поригорозна ама и да се процесуира. by the way, САД имаат доживотни и смртни казни… кога зборуваме за напад на полиција.
Полицаецот е човек со семејство, со стравови, со телесна и психолошка цена што ја плаќа секојдневно. Кога тој излегува на улица, тој не знае дали ќе се врати дома неповреден… ако државата не стои зад него со целата своја тежина тогаш станува ризик, а не чест да се брани уставниот поредок на републиката.
Општество во кое полицаец се навредува, удира или напаѓа без страв од последици е општество што чекори кон безредие. Но последиците од нападите врз полицијата не завршуваат со повреденото тело или на статистиката во полицискиот билтен. Тие се многу подлабоки и потивки… Што се случува со кредибилитетот на полицискиот службеник кој е нападнат? Како тој утредента се појавува во заедницата во која живее и работи… дали станува лице со авторитет или лице кон кое ќе се покажува со прст без разлика дали нападот бил вербален или физички…?
Полицаец кој е нападнат, а државата не застанала јасно и гласно зад него со ригорозна казна на напаѓачот, не ја губи само институционалната заштита ја губи и симболичната сила на службата во очите на заедницата. Наместо почит, се раѓа сомнеж и наместо авторитет се создава стигма. А полицаец без кредибилитет во сопствената средина е најопасниот пораз за безбедноста.
Затоа ако тие што нè заштитуваат не се заштитени, прашање е колку брзо средината во која живееме ќе изгуби во поредокот за ред и безбедност и ќе провладее криминалот и делинквентот…
Хамза Имероски
