Претседателката Гордана Силјановска-Давкова го потпиша Законот за измени на Кривичниот законик, појаснувајќи дека нејзината одлука претставува привремен и транзициски потег со цел да се избегне правен вакуум во државата.
Како врховен командант и шеф на државата, таа истакна дека иако имала одредени сопствени забелешки на текстот, се одлучила на овој чекор по деталните консултации со Владата и поради фактот што измените добиле поддршка близу до двотретинско мнозинство во Собранието, вклучувајќи ги и гласовите на опозициската СДСМ.
Според Силјановска-Давкова, постоела реална опасност Уставниот суд да поништи одредени одредби, што би ги оставило судовите без соодветна рамка за дејствување.
Таа оцени дека сегашното решение, иако не е совршено, е значително подобро од претходните верзии од 2023 година, особено во делот на заштитата од родово базирано насилство, строгите санкции за сообраќајните прекршоци и овозможувањето на правна основа за функционирање на проектот „Безбеден град“.
Сепак, претседателката нагласи дека овој закон ќе го толерира само до јуни, кога се очекува донесување на целосно нов Кривичен законик кој ќе биде темел на претстојните судски реформи.
Таа откри дека веќе побарала цврсти гаранции од предлагачите дека новите измени нема да значат одолговлекување на процесот за носење на сеопфатното законско решение, во кое дополнително ќе се прецизираат и одредбите за злоупотреба на службената должност и јавните набавки.
