Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, од говорницата на самитот „Конкордија“ во Њујорк, упати остра порака до Европската Унија, обвинувајќи ја дека го изневерува принципот на мултилатерализам на сопствениот континент и дека процесот на проширување го претворила во тест за сопствениот кредибилитет.
Обраќајќи се на собирот што се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН, претседателката нагласи дека ЕУ, како проект за мир базиран на Копенхагенските критериуми, не смее да си дозволи контрадикторност и двојни стандарди.
„Проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia (слога) или discordia (несогласување), дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции“, посочи Сиљановска Давкова.
Таа директно го адресираше и проблемот со билатералните блокади, повлекувајќи паралела меѓу Балканот и Скандинавија.
„Ние можеме да направиме сè што е потребно во економијата, реформите, но сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи. За разлика од Скандинавија која ги поддржа балтичките земји за ЕУ, нашите соседи често користат вето при приемот на нови членки“, рече претседателката.
Поради ова, таа повика на итни промени во начинот на одлучување во Европската Унија, особено укинување на правото на вето во процесот на проширување, став кој, како што потсети, неодамна го потенцираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „За членство е потребен консензус и ако една земја не се согласува, не можете да станете членка на ЕУ. Затоа, крајно време е да се направат промени“, заклучи Сиљановска Давкова.