Сите институции во државата имаат рок до 15 септември да ги брендираат своите службени возила, информира директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски. Тој појасни дека ова е втор повик до институциите, а доколку не биде исполнет, ќе следува и трет повик со рок до 29 септември, односно почетокот на кампањата за локалните избори.
„Ако некој се обиде да избегне брендирање, кога ќе му дојде време за регистрација, сепак ќе ги добие овие таблици“, изјави Томовски.

Во државата, според проценките, има меѓу 7.000 и 7.500 службени возила, но точна бројка не постои бидејќи нема единствен регистар. Новото правило ги опфаќа сите возила во сопственост на државата – владините, општинските и оние на јавните претпријатија. Дел од возилата на МВР и АНБ ќе бидат исклучени, додека останатиот дел ќе подлежи на брендирање.
Правилникот не предвидува казни за непочитување на обврската, но, како што истакна Томовски, институциите и медиумите ќе имаат увид со какви возила располага државата. „Ќе оставиме простор до понеделник сите институции да се огласат и да информираат за постапката“, додаде тој.
Со ваквата мерка, властите очекуваат да се зголеми транспарентноста и отчетноста во користењето на државните возила.