Маченик Бонифатиј Тарсиски (290)
Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на светиот Бонифатиј. Тој најпрвин беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабошци.
Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник.
Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс, Бонифатиј виде мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијанските маченици возвикна: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди – му ја отсекоа главата со меч. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим.
Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот.
Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.
Преподобен Илија Муромец, Печерски (околу 1188)Преподобен Илија Муромец, Печерски (околу 1188)
Монах киевопечерски. Се упокои во 1188 година. Неговите нетлени мошти се чудотворни. На десната рака, до сега му стојат трите прсти составени за молитва. Од ова се гледа дека умрел на молитва.
Во периодот на борбата со расколот на старообредничеството овој факт од житието на светиот служел како силен доказ за прекрстувањето со три прста. Некои сметаат дека преподобниот Илија и рускиот епски јунак Илија Муромец се исто лице.
Свети Бонифатиј Милостив, епископ Ферентиски (VI)
Уште од детството беше необично милостив, а мајка му обично го прекоруваше за тоа. Од Господа, преку молитвата, за ова добиваше стократно. Се упокои мирно во 6 век во Италија.
Праведна Аглаида Римска
Маченици Илија, Пров и Арис, египтјани (308)
Маченици Полиевкт и Тимотеј ѓакон (IV)
Свети Григориј, епископ Омиритски (околу 552)
Најпрво беше ѓакон на медиоланската Црква и имаше многубројни виденија. По Божја Промисла беше одведен во Александрија, каде што патријархот Протериј, по едно небесно откровение, го ракоположи за епископ на Омиритската земја, во јужна Арабија, којашто свети Елезвој (се слави на 24 октомври) тукушто ја беше ослободил од тиранинот Дунаан Евреинот.
Свети Григориј се памти како добар пастир и голем чудотворец. Со помош на христољубивиот цар Аврамиј ја уреди омиритската Црква, подигна многу храмови и крсти голем број Евреи. Вршеше големи и страшни чуда со молитва; на неговата молитва пред неверните Евреи се јави и Самиот Господ Христос, а тоа беше пресудно за да се крстат.
Управуваше со Црквата триесет години. Се упокои мирно во 552 година.
Свештеномаченик Капитон, епископ Херсонски
Маченици Ермил и Фока
Маченици Евтих и Тесалоника и со нив 200 мажи и 70 жени
