Собранието денеска на дневен ред го има утврдувањето на Предлогот за избор на нов член на Судскиот совет. Пратениците треба да изберат само еден член од редот на „истакнати правници“, а во трката влегуваат десет кандидати со различни професионални профили – од адвокати и професори, до актуелни државни правобранители и поранешни членови на Советот на јавни обвинители.
Огласот беше распишан на 17 ноември 2025 година, а основниот услов е кандидатите да имаат најмалку 15 години работно искуство во правната професија и да не вршеле судиска или обвинителска функција во последните четири години.
Кои се кандидатите?
Листата на пријавени кандидати открива имиња кои веќе извршувале високи државни функции, како и професионалци од правосудната администрација и академската фела.
Зоран Петковски од Кратово е актуелен Државен правобранител за подрачјето на Скопје, функција која ја врши од 2012 година. Тој има над 33 години работно искуство, а во својата биографија наведува дека учествувал во работни групи за кодификација на граѓанскиот законик и новиот ЗПП.
Арбер Исаку од Тетово доаѓа со искуство од Советот на јавните обвинители, каде бил член од 2016 до 2024 година, а во еден период и заменик претседател на ова тело. Моментално работи како адвокат.
Фехми Стафа, адвокат од Скопје, е поранешен Државен правобранител на РСМ, функција која ја извршувал во периодот од 2018 до 2022 година. Пред тоа работел како стручен соработник во Кривичниот суд.
Ведат Салихи од Скопје, моментално е јавнообвинителски советник-истражител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Интересен детал од неговата биографија е неговиот ангажман во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), каде работел како виш јавнообвинителски советник од 2016 до 2020 година.
Сејфула Османи од Гостивар е професор и поранешен ректор на Меѓународниот универзитет во Струга. Има искуство и како судија, извршувајќи ја функцијата истражен судија во Основниот суд Гостивар од 2008 до 2010 година.
Мони Авзији веќе е дел од структурата на Судскиот совет, каде од 2022 година работи како Раководител на одделение за аналитика и статистика. Претходно работел во Министерството за правда во секторот за правосудство.
Демир Хамити, дипломиран правник од Скопје, најголемиот дел од кариерата го поминал во институцијата Народен правобранител. Таму извршувал високи функции, вклучително и Генерален секретар и Државен советник, позиција на која се наоѓа и денес.
Феузи Џафери, адвокат од гостиварско Чајле, бил Шеф на кабинет на министерот за образование (2006-2008), а работел и како судски соработник пред да отвори адвокатска канцеларија во 2013 година.
Ганимете Беџети Исмаили е стручен соработник во Основниот суд во Гостивар повеќе од една деценија, а во 2021 година се стекнала со титулата Доктор по правни науки.
Аљбан Кадриу од Тетово, во својата биографија наведува искуство во МВР, каде работел како главен советник во одделението за прекршоци во СВР Тетово , а моментално е докторанд.
Собранието треба да избере еден од овие кандидати, кој ќе го пополни испразнетото место во Судскиот совет, тело кое во изминатиот период беше под лупа на јавноста поради состојбите во правосудството.