Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност.
Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
Јавниот обвинител ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка.
Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција продолжува со предистражни дејствија во насока на откривање на нови лица инволвирани во случајот.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 2 од Кривичниот законик во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 2 и став 3 од Кривичниот законик против 10 лица и тоа: П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани)“. Од пријавените, лишени од слобода се шест лица, по едно се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор, велат од МВР.