Македонските ученици сè порано доаѓаат во контакт со цигарите и алкохолот, покажуваат резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје. Според наодите, дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првото искуство со алкохол најчесто го имаат околу 13 години.
Истражувањето, спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици, укажува и на загрижувачки раст на употребата на електронски цигари, која во последните пет години бележи значително зголемување. Повеќе од една четвртина од учениците изјавиле дека пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.
Алкохолот и понатаму е најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Податоците покажуваат дека речиси третина од учениците првпат пиеле алкохол на 13 години или помлади.
Во помал, но не занемарлив обем, регистрирана е и употреба на седативи без лекарски рецепт, канабис и коцкање, особено кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.
Од Министерството за образование и наука информираат дека во училиштата веќе се спроведуваат програми за превенција од злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и нов изборен предмет за здравствена писменост. Од Институтот за јавно здравје порачуваат дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобри политики и посилна заштита на здравјето на младите.