Џебен часовник кој му припаѓал на патник од Титаник ќе биде понуден на продажба кон крајот на овој месец, со очекувана цена до 66.000 долари, соопшти британската аукциска куќа „Henry Aldridge and Son“.
Часовникот му припаѓал на 27-годишниот Ханс Кристенсен Гивард од Данска, кој патувал во Соединетите Американски Држави со двајца пријатели кога Титаник потонал на 15 април 1912 година, пишува CBS News. Телото на Гивард било пронајдено во Северниот Атлантик веднаш по несреќата, а личните предмети пронајдени кај него биле вратени на неговиот брат во Данска, а потоа и на наследниците.
Меѓу тие предмети се наоѓал и „позлатен женски џебен часовник“ направен од сребро и месинг. Часовникот покажува траги од оштетување предизвикани од солената вода, а стрелките на бројчаникот недостасуваат, наведуваат аукционерите.
„Механизмот на часовникот застанал во моментот кога ледените води на Северниот Атлантик го проголтале не само сопственикот, туку и најпознатиот океански брод на сите времиња – Титаник“, изјави Ендрју Олдриџ од аукциската куќа.
Проценетата вредност на часовникот се движи од 30.000 до 50.000 британски фунти, односно од 40.000 до 66.000 долари. Аукцијата започнува на 26 април.
„Henry Aldridge and Son“ редовно организира продажба на предмети поврзани со Титаник. Овојпат на аукцијата ќе бидат понудени и рачно напишано писмо од шведскиот патник Ерик Густав Линд и карта од трета класа која ја поседувал Канаѓанецот Ернест Портиџ Томлин – двајцата загинати во несреќата. Исто така, понудена е и виолина што била користена во филмот „Титаник“ од 1997 година.
Џебни часовници што претходно им припаѓале на патници од Титаник се продавале по високи цени. Во ноември минатата година, еден златен часовник беше продаден за два милиона долари, со што беше срушен рекордот за најскап предмет поврзан со Титаник. Тој часовник му припаѓал на најбогатиот патник на бродот, Џон Џејкоб Астор, чијашто имотна состојба тогаш се проценувала на околу 87 милиони долари.