4NEWS.mk

Дигитализацијата ја зголемува побарувачката за бакар, Македонија има неискористен потенцијал во Иловица-Штука

Дигитализацијата ја зголемува побарувачката за бакар, Македонија има неискористен потенцијал во Иловица-Штука

Експанзијата на дата-центрите и зголемената потреба за електрична енергија отвораат ново поглавје на глобалниот пазар на бакар. Американската финансиска и инвестициска консултантска куќа „The Motley Fool“ предупредува дека растечката побарувачка, во комбинација со намалувањето на производството во старите рудници, може да доведе до значителен пораст на цената на бакарот во текот на следната деценија.

„Побарувачката за бакар расте. Во исто време, рудниците што стареат произведуваат помалку, а новите количини нема да стигнат на пазарот доволно брзо“, се наведува во анализата.

Според проценката, три фактори ќе бидат особено значајни за идниот раст на побарувачката – дата-центрите, електродистрибутивните мрежи и недоволниот број нови гринфилд проекти за експлоатација на бакар.

Развојот на дата-центрите е особено значаен бидејќи нивната изградба и функционирање бараат значителна електроенергетска инфраструктура, а со тоа и дополнителни количини бакар. Паралелно, електрификацијата и модернизацијата на мрежите создаваат дополнителна потреба за овој метал.

Сепак, производството не може брзо да одговори на оваа побарувачка. Новите рудници бараат години за развој, што дополнително ја нагласува важноста на гринфилд проектите.

Македонија веќе има проект што се вклопува во ваквиот глобален тренд. „Иловица-Штука“ е гринфилд проект за експлоатација на бакар, за кој геолошките истражувања покажуваат значаен потенцијал. Според податоците наведени за наоѓалиштето, се проценува дека има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз на над 10 илјади тони бакар годишно во период од 20 години.

Потенцијалот на Иловица-Штука е оценуван и од универзитетски професори, кои го издвоиле порфириското наоѓалиште на бакар и злато како најголем потенцијал за гринфилд рударски проект во земјата.

Според професорот Ѓорѓи Димов, „Иловица“ е големо наоѓалиште, со значителен дел од ресурсот веќе истражен, а по генетскиот тип е слично со порфириските наоѓалишта во Грција. Тој посочува и дека домашните геолози имаат пресметано поголеми резерви во Македонија.

Во време кога бакарот станува сè поважен за енергетската и дигиталната трансформација, ваквите проекти добиваат дополнително економско и стратешко значење.

Според прогнозата на американската финансиска куќа, големите технолошки компании Alphabet, Amazon, Microsoft и Meta Platforms оваа година трошат 735 милијарди долари на капитални расходи, од кои голем дел се наменети за центри за податоци. Според проекциите на McKinsey, инвестициите во центри за податоци би можеле да достигнат 7 трилиони долари до 2030 година. Бакарот е од суштинско значење за центрите за податоци поради неговата електрична спроводливост и топлинска ефикасност.

„Дата центрите бараат огромни количества бакар. Според Асоцијацијата за развој на употребата на бакар (Copper Development Association), на напредните дата центри може да им бидат потребни и до 50.000 метрички тони бакар. Конвенционалните центри за податоци користат меѓу 5.000 и 15.000 тони бакар. S&P Global предвидува дека побарувачката за бакар би можела да порасне за 50 % до 2040 година, при што побарувачката за бакар за вештачката интелигенција и дата центрите би се зголемила тројно за истиот период“, се потенцира во анализата.

Дополнително, побарувачката за електрична енергија постојано расте. Според анализата на Институтот на Bank of America, се предвидува дека побарувачката за електрична енергија во САД ќе расте со стапка од 2,5% годишно до 2035 година, а раст се очекува и во Европа. Оваа стапка е пет пати повисока отколку во претходната деценија, што ја нагласува итната потреба од надградба на застарената електроенергетска мрежа. Надградбата на електроенергетската мрежа може да трае од четири до 12 години, вклучувајќи го поставувањето нови далноводи, надградбата на трафостаниците и обезбедувањето на електрична енергија. Според Меѓународната асоцијација за бакар, приближно 44% од вкупното количество произведен бакар се користи за производство, дистрибуција и пренос на електрична енергија.

„Исто така, заложбите за системи за обновлива енергија – како што се големите соларни постројки и ветерните турбини – бараат значително поголемо количество бакар по мегават капацитет во споредба со централите. Бакарот е важен за намотките на генераторите и за каблите за пренос на долги растојанија. Денес, енергетските компании се соочуваат со предизвикот да ги заменат старите далноводи, истовремено поврзувајќи ги дистрибуираните извори на обновлива енергија во мрежата“, проценува консултантската куќа.

Третиот фактор што ќе влијае на повисоката цена за металот е влошеното снабдување со бакар. Во Чиле и Перу, големите производители на бакар се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата и неопходна е преработка на многу поголеми количини материјал, што ги зголемува оперативните трошоци. Овој предизвик би бил надминат доколку се отвораат нови гринфилд рудници.

„Сепак, во текот на наредните неколку години е предвидено започнување на мал број големи гринфилд проекти. Во рударството, „гринфилд“ проектот подразбира развој на сосема ново наоѓалиште на земјиште што претходно не било експлоатирано. Овие проекти можат да обезбедат големи количини бакар на пазарот, за разлика од „браунфилд“ рудниците, кои всушност претставуваат проширување на постоечките рудници. Гринфилд проектите станаа реткост. Според „S&P Global Market Intelligence“, за ваквите проекти потребни од 16 до 18 години за да започнат со работа – од почетните истражувања и откривањето, па сè до добивањето на регулаторните одобренија и почетокот на комерцијалното производство“, се истакнува во анализата.

Консултантската куќа заклучува дека пазарите на бакар би можеле привремено да здивнат до крајот на 2027 година, бидејќи постоечките рудници настојуваат да се шират, а послабата градежна активност во Кина ја намалува побарувачката. Но, додаваат дека до 2028 година, структурните ограничувања на понудата би можеле да станат јасни, бидејќи изградбата на дата центри и надградбите на електричната мрежа се забрзуваат. Со оглед на тоа што само неколку големи рудници би биле пуштени во употреба, дефицитите на бакар би можеле да пораснат и да ги зголемат цените до крајот на деценијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни