Дијана Хрка го прекина штрајкот со глад!

Дијана Хрка објави дека го прекинува штрајкот со глад пред собранието на Србија во Белград што траеше 16 денови.

„Кога реков дека се оградувам од студентите и граѓаните, ме разбраа погрешно. Се оградив за никој да не штрајкува со мене. Ќе ги повикам студентите и граѓаните на состанок за да се договориме, добив благослов од двајца свештеници да го прекинам штрајкот, од медицинските работници, од децата повик да го прекинам штрајкот со глад. И јас од денеска ќе го прекинам штрајкот“, рече Хрка.

„Можам да направам многу повеќе ако сум жива, и ќе направам, ќе поместам многу граници“, рече Хрка.

Синот на Дијана Хрка загина во падот на бетонската настрешница лани во Нови Сад. Дијана Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, ден по големиот комеморативен собир во Нови Сад одржан на годишнината од несреќата, барајќи надлежните органи да ги испрашаат и приведат сите лица осомничени за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, да ги ослободат сите нелегално притворени студенти и да распишат вонредни парламентарни избори.