Напливот на гастарбајтери карактеристичен за секое лето ги наполни менувачниците со девизи. И трговците тријат раце од зголемената потрошувачка на нашинците од странство кои за време на летните одмори доаѓаат во татковината да си го посетат семејството, пишува Алсат. Се купува нов мебел, се реновира, се троши за секојдневни потреби. Но, освен во текот на летото, парите кои ги праќаат иселениците кај многу семејства во Македонија се основни приходи за живот во текот на целата година.
Неофицијалните податоци покажуваат дека иселениците од дијаспората во Македонија годишно праќаат од 800 милиони, до 1,5 милјарда евра. Овие пари се трошат за тековни трошоци, плаќање сметки и секојдневни потреби на нивните семејства дома. Само мал дел од нив се инвестиции.
Министерот за дијаспора Едмонд Адеми за Алсат М вели дека парите од дијаспората се важни за македонската економија. Според неговите пресметки таа сума минатата година достигнала над 800 милиони евра. Тука влегуваат парите кои се пратени по основ на брз трансфер на пари, а лани изнесувале 400 милиони евра, како и кешот кој го носат гастарбајтерите кога ќе си дојдат дома, а се регистрира преку менувачкото работење и се проценуваат на 400 милиони евра. Оваа сума според него може да биде и поголема.
„Низ целиот период од независноста па наваму влезот на овие дознаки, средства финансиски било преку брз трансфер на пари, банки или во форма на директно менувачко работење или во кеш во државата секогаш имале ефект во економијата. Тие средства се во пазарот, се трошат. Тоа е еден сегмент кој шт е важен и кој што има влијание во економскиот живот на граѓаните. Се разбира тие средства се лични на нашите сограѓани кои што живеат и работат во дијаспора и се пратени до своите членови на семејства”, рече министерот Адеми.
Но, освен што праќаат пари до нивните семејства, како следен чекор за поголема соработка со дијаспората, Адеми ја посочува новата стратегија која за прв пат е изработена во Македонија.
„Ќе се обидеме преку заедничка соработка со странски експерти кои би дошле тука и би работеле со нас за да се изнајде најидеалниот модел за да можеме да развиеме еден таков фонд од што понатаму тие средства би биле искористени на мали инфраструктурни проекти низ градовите и руралните средини во Македонија. На некој начин дијапсората и така кога доаѓа тука и така остава средства да се догради школо, амбуланта, пат. На овој начин ќе им овозможиме тоа да биде препознаено и дека тоа се инвестиции дадени од нашите во странство”, додава Адеми.
Адеми очекува до крајот на август стратегијата да биде усвоена и секое од министерства кои имаат надлежности да почнат да ги реализираат задачите. Истражувањата покажуваат дека македонските семејства имаат најмногу мигранти во земјите членки на Европската Унија, во северна Америка, Авганистан и Ирак и во Швајцарија.