ДИК попладнево ги соопшти првичните резултати од вториот круг на локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори што се одржа вчера.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека гласањето се спроведело во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи. Бројот на избирачки места изнесувал 1.777, а гласале 424.923 лица, што претставува излезност од 41,93 отсто. Од нив, 404.464 гласачки ливчиња биле важечки, а 23.930 неважечки.

Во Скопје, во десетте општини гласале 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.

За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.

Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, а електронско поднесување не е дозволено.

Ако не бидат поднесени приговори, ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

Од 19:00 часот вчера исто така течат роковите за приговори во врска со спроведувањето на гласањето.